Mакедонскиот пијанист Дино Имери во неделата одржа солистички концерт во Загреб во Државниот архив. Имери свиреше дела од Мануел де Фаља, Фредерик Момпу, Морис Равел и Жорж Бизе и тоа на пијаното „плејел“ од 1911 година, кој бил во сопственост на прочуениот пијанист Светислав Станчиќ, кому специјално му го испорачале од Париз.
„Ова е мое четврто гостување во Загреб, град кој е центар на една многу сериозна пијанистичка школа. Сум настапувал во различни стадиуми од мојата кариера, од студентските денови, па сѐ до оваа зрела фаза и за сите тие посети можам да кажам дека чувствувам неверојатна топлина“, изјави Имери.
До крајот на годината го очекуваат уште два значајни настапи: на 24 ноември во Ленгерих (Германија) и на 4 декември во Камерната сала на Филхармонијата со диригентката Дијана Имери-Илкоска на настанот „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“.