Групната изложба „Современа скулптура“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ќе се отвори вечерва во 20 часот во уметничкиот центар „Арт хаб“ во ГТЦ.
„Уметниците истражуваат и експериментираат низ формата и изразот, а при изработката на делата се користени разни материјали, како бронза, алуминиум, жица, мермер, дрво, бетон, пластика, текстил и готови и рециклирани предмети“, велат од ДЛУМ.
Поставката ја сочинуваат 22 дела од 19 автори: Гордана Петрова, Димитар Филиповски, Нела Јанковска, Стефан Јакимовски, Слободан Милошески, Стефан Анчевски, Озбет Ајваз, Марјана Костојчиновска Узунчева, Златко Бојковски, Анѓел Димовски-Чауш, Тања Миљоска, Душан Ѓоргиевски, Ненад Тонкин, Синиша Новески, Сашо Саздовски, Маја Танева, Никола Смилков и Боро Новаковски, а во чест на наградата ,,Боро Митриќески” поставено е и едно негово дело.
Секоја година семејството Митриќески доделува награда за најдобра скулптура, чиј добитник ќе биде соопштен на отворањето на изложбата, која ќе може да се погледне до 1 април.