ДНЕВНИКОТ НА АНА ФРАНК НЕДЕЛАВА ЌЕ СЕ ЧИТА ПРЕД СИТЕ НАТПРЕВАРИ ВО ИТАЛИЈА, ПОРАДИ АНТИСЕМИТСКИОТ ИСПАД НА ЛАЦИО

Рим, (Дејли мејл)

Дневникот на Ана Франк оваа недела ќе се чита на сите натпревари во Италија, изјави Италијанската фудбалска федерација, по шокантното антисемитско однесување на фановите на римскиот клуб Лацио.

Во неделата, фановите на Лацио го исполнија Стадио Олимпико во Рим со слики на Ана Франк како носи елек на ривалскиот тим Рома. Екстремните десничарски фанови на Лацио ги сметаат фановите на Рома за левичарски Евреи поради што сакале да предизвикаат конфликт, имајќи предвид дека го користат истиот стадион.

Служби на стадионот ги најдоа антисемитските лепенки во понеделникот и италијанската полиција отвори криминална истрага за случајот.

Читањата на пасуси од дневникот ќе бидат проследени со тишина од една минута пред сите натпревари оваа недела, вклучувајќи ги и аматерските и младинските натпревари викендов, во знак на сеќавање на холокаустот, изјави фудбалската федерација.

Расизмот е доста проширен феномен овие години на многу италијански и европски стадиони, чија цел се и фановите и играчите, а разните безбедносни мерки не го решија проблемот.

„Ана Франк не претставува еден народ или една етничка група. Сите ние сме Ана Франк кога се соочуваме со незамисливото“, изјави министерот за надворешни работи на Италија Анџелино Алфани.