НЕЛЕ КАРАЈЛИЌ ГОСТУВА ВО СКОПЈЕ, ПРВО ВО КНИЖАРНИЦАТА „ЛИТЕРАТУРА.МК“, ПА НА ПИВО ФЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 19.30 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улица Македонија во Скопје ќе има дружба со д-р Неле Карајлиќ, ѕвездата на „Забрањено пушење“ и „Топ-листа на надреалисти“, кој е и автор на книгите „Фајронт во Сараево“ и „Солунска 28“. Карајлиќ утре ќе одржи концерт на Пиво фест во Скопје.

„Солунска 28“, чиј издавач на македонски јазик е „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“, беше промовирана во мај оваа година, за време на Саемот на книгата. Романот ја доби престижната српската книжевна награда „Момо Капор“ за 2018 година.

Во „Солунска 28“ се раскажува приказна за едно семејство, која почнува на почетокот на 20. век, кога Живота и Босилка се среќаваат во Белград и решаваат да почнат заеднички живот. До денес, и покрај сите војни, трагедии и болести, промената на режими, национализацијата, приватизацијата и други потреси, куќата на Живота во Солунската улица го има истиот број – 28.