„ЕЛЕШНИК“ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот, во театарот „Јордан Х.К.-Џинот“ во Велес премиерно ќе се изведе претставата „Елешник“ од Југослав Петровски, во режија на Елеонора Теова.

Велешки театар најавува дека „Елешник“ е претстава за дадениот збор, за образот и чесноста на една бескрајна љубов кои стануваат робови, притиснати од стегите на лакомоста, отуѓеноста и лошото влијание на брзото живеење.

„Немоќниот човек, робот со одземена самодоверба, лажно ја црта својата среќа. Среќа изградена од материјални добра, далечна. А, чесноста останува чесност, со гордо крената глава, готова да се спротивстави на злото“, вели режисерката за „Елешник“, која е нејзина дипломска претстава по театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Играат Кети Борисовска, Андреј Серафимовски, Самоил Стојановски, Фаик Мефаилоски, Марина Поп-Панкова, Кирил Гравчев, Жарко Спасовски и Кристина Нацева. Дизајнот го изработи Филип Коруновски, а музиката е на Сашко Костов.

П. ПЕЧКОВ