„Фанфари за еден пријател“ е насловен вечерашниот концерт од 20 часот, кој Филхармонијата му го посветува на маестро Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017), еден од најзначајните диригенти на македонската музичка сцена. Диригент е Габриел Бебешелеа, а на програмата се дела од Копланд, Дика, Гуно, Шмит, Штраус и од младиот македонски композитор Ангел Спироски.
„Фанфари за обичниот човек“ е едно од најзначајните концертни увертири на американскиот композитор Арон Копланд (1900-1990). Делото го напишал по повод крајот на Втората светска војна, а се водел од идејата да создаде дело во кое фанфарите ќе имаат традиционален и моќен звук, а во исто време и современ музички контекст.
Филхармонијата најавува дека од денеска ја почнува новата практика „Пред концертни разговори“. Идејата потекнува од новиот шеф-диригент Бебешелеа и целта е преку овие разговори пред почетокот на концертите публиката да се запознае со делата кои ќе одат на програмата, како и со нивниот естетски и филозофски контекст.