Вечерва во 21 часот, во Младински културен центар ќе се отвори изложбата на фотографии „Приватни демони“, на која фоторепортерката Маја Јаневска-Илиева соработува со уметникот Велимир Жерновски.
Интердисциплинарната изложба, која е експериментално-колаборативен проект на Јаневска-Илиева и Жерновски, е поставена во горното фоаје на МКЦ. Изложбата е составена од 11 серии на диптиси – две фотографии снимени на иста локација, но со различна светлинска изложеност. Првата е преку ден, на сончева светлина и претставува сегмент од јавниот простор во неговата реална состојба.
„На втората, ноќна фотографија, истиот простор станува приватен и личен, кога Жерновски мракот го користи како платно за цртање на неговите фантастични форми. Светлинската интервенција на Жерновски е миговна и го оплеменува јавниот простор интимно, не одземајќи ништо од неговиот заеднички карактер“, велат од Саемот на уметност „Ин ситу“.