Пејачката Марија Атанасова е едиствената штипјанка која годинава настапи на штипскиот фестивал Макфест, што се случува за првпат во овие 39 години колку што трае фестивалот. Таа беше и единствената пејачка со хумана мисија.
Атанасова имаше најпечатлив фустан, рачно нацртан од децата со попрeченост од Дневните центри од Штип и децата од големите групи од градинката „Астибо“ од Штип. Пејачката ни рече дека веднаш по фестивалот, фустанот ќе се продава на јавна аукција на нејзините социјални мрежи, а парите одат во хумани цели.

„Парите од продажбата на фустанот ќе ги донирам за децата со попреченост. Отсекогаш сум сакала да помагам на најранливите категории, но не сум имала можност. Ова беше начин и децата да учествуваат и заедно да направиме нешто добро“, ни рече поп-пејачката која за првпат на Макфест настапи во 2022.
„Претходно имам настапувано и како виолончелист, и со детски хор. Студирам на Музичка академија во Штип, а сум дипломиран правник на Славјанскиот универзитет, и би сакала да можам да го спојам правото со музиката“, вели Атанасова.
М.ЏАРОВСКА