ГЕРМАНСКАТА ЖЕЛЕЗНИЦА ЌЕ БРКА КРИМИНАЛЦИ СО МУЗИКА БЕЗ ТОНАЛИТЕТ

Берлин, (Дојче веле)

Германската железница соопшти дека планира да пушта атонална музика на станицата Херманштрасе во Берлин, во обид да го намали криминалот.

Според локалните медиуми, националната железница планира да експериментира со музиката создадена без тоналитет, која најчесто се користи во експерименталната музика, за да ги одврати криминалците, без притоа да ги вознемири патниците.

„Малкумина сметаат дека таков вид на звук е пријатен, многу луѓе сметаат дека е тоа нешто од што треба да избегаат“, вели еден од директорите, Фридеман Кеслер.

Психолошките студии покажаа дека, за обични слушатели, слушањето на атонална музика може да го зголеми крвниот притисок и да ја зголеми вознемиреноста. Германската железница се надева дека овој вид на музика ќе ги обесхрабри луѓето да вршат кражби или напади.

Станицата Херманштрасе е позната како често собиралиште на дилери на дрога, наркозависници и бездомници.