Пловечки уред дизајниран од холандски научници да исчисти голем остров од ѓубре во Тихи Океан почна да дава резултати откако успеа да собере пластика на отворено море.
Бојан Слет, водителот на проектот „Ocean Cleanup“, објави на Твитер дека 600 метри долгата бариера прибрала и задржала големо количество ѓубре од она што е познато како Голема пацифичка депонија.
„Нашиот систем на чистење конечно почна да фаќа пластика, од мрежи од еден тон до микропластика. Исто така, дали на некој му недостига автомобилско тркало?“, напиша Слет.
Меѓу 600.000 и 800.000 метрички тони рибарска опрема се оставаат или губат во морињата секоја година. Дополнителни осум милиони метрички тони пластичен отпад се фрлаат од плажите.
Големата пацифичка депонија е просторот меѓу Калифорнија и Хаваи, каде што струите го носат отпадот. Системот е дизајниран така да собира не само крупни предмети, туку и мали парчиња пластика и е опремен со три метри длабок екран, со што не му пречи на морскиот живот.