Некои од најголемите и најразвиени земји на светот ветија многу на специјалниот самит за климата на Обединети нации, откако шведската тинејџерка Грета Тунберг во својот жесток и незаборавен говор ги искара дека не прават доволно во борбата против глобалното затоплување, што, како што кажа, нѐ води кон масовно исчезнување.
Само три дена по масовните глобални протести против климатски промени, 16-годишната Тунберг се обрати пред повеќе од 60 светски лидери и ги обвини дека ѝ го украле детството.
„Цели екосистеми умираат, ние сме на почетокот на масовно исчезнување, а вие само зборувате за пари и бајки за вечен економски раст. Очите на идните генерации се вперени во вас. И ако изберете да нѐ изневерите, никогаш нема да ви простиме. Нема да се извлечете со тоа. Сега и овдека е каде што подвлекуваме линија“, кажа Тунберг.
Како заклучок на самитот, генералниот секретар на ОН Антонио Гутиереш изјави дека 77 држави ветиле дека ќе работат на тоа да постигнат јаглеродна неутралност до 2050 година и дека ќе сторат многу повеќе во борбата против климатски промени.
- Индија, Кина и Европска Унија изјавија дека ќе спроведат порешителни планови против емисијата на штетни гасови во 2020 година.
- Водечките пристаништа, банки и нафтени и транспортни компании се здружија во иницијативата да постигнат нулто загадување во прекуморскиот сообраќај до 2030.
- Финска постави за цел да стане прва индустријализирана нација која ќе апсорбира повеќе јаглерод отколку што ќе емитува.
- Откако посади милијарда дрвја во последните пет години, Пакистан вети дека ќе посади уште 10 милијарди во наредните пет.
- Грција кажа дека ќе ја забрани пластиката за еднократна употреба до 2021 и ќе престане со употребата на највалканиот јаглен до 2028.
САД, Австралија, Јапонија и Саудиска Арабија се меѓу земјите кои не учествуваа на самитот, зашто беа поканети само оние држави кои имаат план за намалување на емисијата на штетни гасови.