И СТАРО И МЛАДО НАСТАПИ НА 22. РЕГИОНАЛНА РЕВИЈА НА ПЕСНИ, МУЗИКА И ИГРИ ВО БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Пензионерски пејачки и музички групи од Битола, Прилеп, Ресен и Крушево настапија на 22. Регионална ревија на песни, музика и игри, чиј домаќин беше Здружението на пензионери од Битола, кое опстојува 78 години. Токму ваквите групи им овозможуваат на пензионерите активно стареење, хоби и забава. Ревијата ја отворија младите танчари од клубот „Степ ап“ од Битола со латино танци, а потоа настапија пензионерите со староградска и народна музика.

Ревијата ја отворија младите танчари од клубот „Степ ап“ од Битола (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Песната и музиката не познаваат години и разлики во години. На оваа манифестација се слушнаа песни кои се вистински празник на народниот мелос. Покажавме дека ги негуваме македонската етно традиција, музичкото творештво и нашата културна ризница“, рече Даница Петличкова, претседателка на Здружението на пензионери од Битола.

Манифестацијата ја отвори претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Станка Трајкова, која рече дека ревијата опстојува 22 години, а најдобрите изведувачи ќе настапат на републичката манифестација на 8 јуни во Домот на АРМ во Скопје.

„За пензионерите е важно да пеат, да се смеат и да се дружат“, кажа Трајкова.

Ж. ЗДРАВКОВСКА