ИЛОН МАСК УТРЕ ЈА ЛАНСИРА НАЈГОЛЕМАТА РАКЕТА НА СВЕТОТ

Њујорк, (Мешабл)

„Спејс Екс“ е подготвен да ја лансира својата најголема ракета досега.

Компанијата на Илон Маск го планира долго очекуваниот старт на „фалкон хеви“ за утре, за да си обезбеди место во историјата со една од најмоќните ракети на сите времиња. Ова под услов сѐ да помине во најдобар ред, за што и самиот Маск има изразено сомнежи во минатото.

„Постојат многу ризици во врска со ‘фалкон хеви‘. Има навистина големи шанси таа да не стигне до орбитата. Се надевам дека ќе се оддалечи доволно од лансирната рампа за да не направи штета. Би лажеле ако кажеме дека не сме ја имале предвид оваа можност“, кажа Маск во јули.

Ракетата со 27 мотори со себе ќе носи чуден товар: црвен автомобил „тесла роудстер“ (Фото: Спејс Екс)

Изградбата и лансирањето на „фалкон хеви“ е веќе неколкугодишна мисија на Маск, кој во неколку наврати, почнувајќи од 2013 година, го одложуваше нејзиното полетување.

„Изградбата на ова чудо стана многу, многу потешко отколку што првично мислевме. Бевме доста наивни во почетокот“, призна Маск во една прилика.

Ракетата со 27 мотори, која чинеше 90 милиони долари, сега е подготвена за пат за вселената и со себе ќе носи чуден товар: црвен автомобил „тесла роудстер“.

„Возилото ќе остане длабоко во вселената милијарда години, ако не експлодира при слетувањето на Марс“, напиша Маск на Твитер.