Делото на Банкси кое се исече на парчиња кога последен пат се најде на аукција се продаде за рекордни 18,5 милиони фунти. „Љубов е во корпа за ѓубре“ е она што остана од делото „Девојка со балон“, кое се самоуништи набргу откако беше продадено за еден милион фунти во октомври 2018.

Девет наддавачи се бореа за делото десет минути на аукцијата во „Сотбис“ во Лондон, за на крајот да биде постигната рекордна цена за дело на мистериозниот графити уметник. Првичната проценета вредност беше меѓу четири и шест милиони фунти.

„Мило ми е што делото е сè уште тука“, се пошегува аукционерот Оливер Баркер по завршувањето на наддавањето.

„Девојка со балон“ е едно од најпрепознатливите дела на Банкси, оригинално нацртано на ѕид во Лондон. Откако репликата беше продадена во 2018, платното помина низ режач за хартија, што тајно бил инсталиран во рамката.