Биографскиот филм за српската фолк легенда Тома Здравковиќ, насловен „Тома“, во режија на Драган Бјелогрлиќ, од 16 октомври ќе игра во скопското кино Синеплекс, а од следниот ден и во Милениум.

„’Тома’ е импресионистички портрет на Тома Здравковиќ, кој ги прикажува неговите почетоци и врвот на славата, неговите љубови кои го инспирирале за компонирање на некои од најголемите хитови, како и односот со голем број пријатели од уметничкиот свет на Југославија. Тоа е приказна за достигнувањето неочекувани висини на популарноста, но и на дното на животот. Ова е приказна за душата“, стои во најавата на кинодистрибутерите.

Главната улога ја игра Милан Мариќ, а во актерската екипа се и Тамара Драгичевиќ, Петар Бенчина, Андрија Кузмановиќ и Сања Марковиќ. Премиерата во Белград беше на 15 септември.