ИСКЛУЧИТЕЛНИ ПОГРЕБНИ НАОДИ СТАРИ НАД 2.000 ГОДИНИ ОТКРИЕНИ ВО ПРЕСПАНСКО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Исклучително погребување е откриено при последните археолошки истражувања на античкиот локалитет Гимбабица, кој беше повторно актуелизиран после 65 години, соопшти Археолошки музеј.

Под раководство на м-р Перо Арџанлиев, потпомогнат од археолозите Илија Бошковски и Вангел Иванов, заврши третата сезона на археолошки истражувања на овој локалитет. Фокусот беше насочен кон добивање повеќе информации за ширењето и организацијата на некрополата, погребните ритуали и за одликите на материјалната култура.

„Покрај вредните сознанија за карактерот на некрополата и за погребните обичаи, оваа година за истакнување е откривањето на исклучителното погребување на маж, кој веројатно имал посебно место во општествениот живот во хеленистичкиот период во овој регион. Тоа го заклучивме од импресивната гробна архитектура, како и од фактот дека во пределот на десната рака откривме два прстена, појава која е ретка не само за некрополата, туку и пошироко за овој период“, рече Арџанлиев.

Првите истражувања беа спроведени во 1953 од археологот Васил Лахтов, кога се откриени неколку гробови од 3. век пред нашата ера. Локалитетот почна повторно да се истражува во 2018, со цел да се открие нешто повеќе за начинот на живот на старите преспанци, бидејќи оваа раноантичка некропола е позната и како вечно почивалиште на воини, дами и металурзи кои живееле пред повеќе од 2.300 години. Со натамошни истражувања, во 2019 се утврди дека некрополата е уште постара, бидејќи некои гробови датираат од 4. век пред нашата ера.

К. СЕЛАМОВСКА