ИЗЛОЖБАТА „КРИЗАТА ИГРА“ НА ИГОР СТАНОЕСКИ СЕ ОТВОРА НА 22 ЈАНУАРИ ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Изложбата „Кризата игра“ на Игор Станоески ќе се отвори на 22 јануари во 20 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ). Станоески, познат како Иги Ман, е мултимедијален автор, музичар, композитор, текстописец, академски скулптор и продуцент.

По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности во 2013 работи паралелно на уметнички истражувања во насока на спојување на класичните медиуми во мултимедијална целина која опфаќа звук (музика), форма (скулптура), цртеж и боја.

„Изложбата претставува внатрешно патување низ дефектите на сегашноста. Кризата како персонификација на механиката на хаосот, наспроти хармонична светлина. Струја за програмирање на колективот и истовремено алатка за кршење на индивидуализмот. Патот низ кризата е синтетизирано трансформиран во игра за оние кои успеваат да ја преживеат“, велат од МКЦ.