Европската Суперлига е создадена за да го спаси фудбалот, изјави претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, ден по обелоденувањето на плановите за формирање на ново клупско натпреварување.
Реал е еден од 12-те европски фудбалски клуба кои се одметнаа и планираат да играат своја елитна лига среде недела, при што учесниците би делеле четири милијарди евра.
„Го направивме овој потег зашто младите веќе не се заинтересирани за фудбалот и поради многу натпревари со слаб квалитет. Јасно ни е дека при секоја промена има и такви кои се противат“, кажа Перес.
УЕФА, ФИФА, Европската асоцијација на клубови, навивачките здруженија и националните лиги го осудија проектот и ветија дека со сите сили ќе се борат да не се оствари, при што се најавени и жестоки санкции. Во Суперлигата би играле 20 клуба, а основачи се Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Милан, Интер, Јувентус, Реал Мадрид, Барселона и Атлетико.
„Ова го правиме за да го спасиме фудбалот во овој критичен момент. Ако продолжиме со Лигата на шампионите, ќе има сѐ помал и помал интерес за фудбалот. Новиот формат што треба да почне во 2024 е апсурден. Дотогаш, сите ќе бидеме мртви“, кажа Перес, додавајќи дека сакаат лигата да почне во август, со можност да биде одложена за 2022.