КИНОТЕКАТА ЈА ПОЧНА ГОДИНАТА СО ФИЛМОВИТЕ НА РИСТЕСКИ, МАНЧЕВСКИ И ДРАГОЈЕВИЌ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК.)

„Снежана на крајот умира“, „Кајмак“ и „Од рајот“ се трите наслови со кои Кинотеката ја започнa филмската програма во 2023 година.

Од Кинотеката велат дека „Кајмак“ на Милчо Манчевски и „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески имале одличен одѕив кај публиката, па практично на барање на филмофилите, одново се на програмата, заедно со црната комедија „Од рајот“ на Срѓан Драгојевиќ. По овој мал вовед, следува Кино утро со филмски наслови наменети за младата публика.

Вечерва од 18 часот ќе се прикаже „Снежана на крајот умира“, со чија премиера се затвори 43. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Од 20 часот е „Кајмак“, седмиот игран филм на Манчевски, кој ја имаше светската премиера на Токискиот фестивал. Следните проекции се закажани на 9, 10 и 11 јануари во 20 часот.

На 9 јануари од 17 часот ќе биде прикажан филмот „Од рајот“, кој по премиерата во Локарно учествуваше на повеќе европски и балкански фестивали.