КИНОТЕКАТА ПОЧНУВА ПРОЕКТ ШТО ЌЕ ГИ УЧИ СРЕДНОШКОЛЦИТЕ КАКО СЕ ГЛЕДААТ ФИЛМОВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Филмска едукација“ е насловен проектот на Кинотеката кој ќе трае 10 недели, почнувајќи од 10 октомври. Станува збор за проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство, наменет за средношколци.

Проектот е замислен како интерактивна филмска училница, каде што младите ќе може да се запознаат со нематеријалното богатство, историјата на филмот, филмскиот јазик и со аудио-визуелното изразување и ќе може да креираат авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.

Целта на проектот е учесниците да добијат основи на филмското познавање, да научат како да гледаат филм и како да размислуваат за едно филмско дело. Во реализацијата на наставата на филмската училница ќе бидат ангажирани професори од високообразовни филмски школи и професионалци од различни филмски професии.