В понеделник, во Музејот на македонската борба од 20 часот, ќе се одржи концерт на сопранот Марија Ташевска, насловен „Кој што ме чуе да пеам“, со дела од композиторот Горан Начевски и народни песни чии нови аранжмани за глас и пијано ги направи Начевски.
Ташевска ќе настапи со пијано придружба на Сара Пројковска. Ќе ги испее народните „Кој што ме чуе да пеам“, „Врати ми се мило либе“, „Ти ли се најде Лено мори“, кои премиерно, со новите аранжмани ќе ги слушне публиката на концертот. Ќе се изведе и авторската композиција на Начевски, „Седумте звуци на осаменоста (афоризми)“. Во вокализата за виолончело, глас и пијано, заедно со Марија Ташевска настапуваа Сара Илиевска како гостин на виолочело. Композиторот и професор на Факултетот за музичка уметност, Горан Начевски, вели дека концертот е спој на традиционалната и современата македонска музика.
„Стојана мајка учеше“, „Падна ми ранет млад Стојан“, „Црна се чума зададе“ и „Врни се врни либе Мариче“ се исто така на програмата на концертот.
Марија Ташевска средното образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски -Луј“ во Скопје при насоката за традиционална музика и игра. Кон крајот на втората учебна година ѝ се раѓа љубовта кон оперското пеење, кое почнува да го истражува кога со помош на професорката Гонца Богоромова-Краповски. Своето образование го продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек соло пеење во класата на Славица Галиќ- Петровска, а подоцна во класата на професор Горан Начевски каде што дипломира со највисока оценка.
Ташевска учествувала на повеќе натпревари. Во јули годинава, таа настапи како солист со оркестарот на Музичка младина на Македонија во рамките на фестивалот Охридско лето, а потоа и на фестивалот Скопско лето.
Влезот на концертот е бесплатен.