„КОЛЕКТИВ ВЕТЕРНИЦА“ ВЕЧЕРВА СО ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛ ЗА ДЕТСКИ ТЕАТАР ВО СЛОВЕНИЈА

Скопје, (СМАРТСДК.МК)

Инклузивниот ансамбл „Колектив Ветерница“ вечерва има премиера на перформансот „Дрво низ времето“ на фестивалот за детски театар „При светилникот“ во Копер, Словенија.

„Преку невербален театарски израз ансамблот раскажува приказна за човекот кој ја разграбува природата, водејќи се и себеси кон самоуништување. Истражувајќи го процесот на премин на фазите од преживување до изживување, останува фактот дека врската со природата е нераскинлива и го откинува последниот крик за сознание длабоко во секого од нас и од кои зависи нејзината иднина“, велат од „Ветерница“.

Во перформансот учествуваат Маша Блажева, Кристина Петровска, Ана Јовановска, Ена Ковачевска, Ивана Полизовски, Мартин Манчевски, Матеј Петровски, Софија Поповска, Ена Митревска, Филип Ангеловски, Елизабета Петковска, Стефан Трпковски, Оливер Блажевски, Матеј Аларов, Коста Аризанов, Јоана Ристеска, Ивана Нелковска, Милош Стојановиќ, Марија Бејкова, Билјана Димитрова и Билјана Митева, додека учениците од училиштето „Сподни дупњек“ под менторство на Метка Трдин и Маријетк Бежјак, врз база на учебникот по историја за 7 одделение, изготвија краток анимиран филм кој го разработува влијанието на човекот врз природата во различни епохи.

 

Премиерата е дел од завршната активност на истоимениот проект во продукција на Завод за истражување визуелни и изведувачки уметности Марибор во рамки на програмата Еразмус+ за мали партнерски проекти во училишно образование и со поддршка и соработка на „Трисомија 21“.

 

 

Од перформансот „Дрво низ времето“ на инклузивниот ансамбл „Колектив Ветерница“. (Фото: Колектив Ветерница)