КОМЕРЦИЈАЛНАТА ВСЕЛЕНСКА КАПСУЛА НА ИЛОН МАСК УСПЕШНО СЕ ВРАТИ НА ЗЕМЈАТА

Кејп Канаверал, (Би-Би-Си)

Новата американска комерцијална вселенска капсула го комплетираше својот демонстрациски лет, спуштајќи се со четири падобрани во Атлантскиот Океан.

Откако изминатата недела беше закачена за Меѓународната вселенска станица, капсулата „Дрегон“, сопственост на компанијата на Илон Маск „СпејсЕкс“, денеска повторно влезе во Земјината атмосфера, при што специјални топлотни штитови ја заштитија од високите температури, пред меко да се приземји 450 километри од Кејп Канаверал, Флорида.

Сѐ помина според сценариото“, рекоа од контролата на летот.

Единствениот патник на историскиот лет беше куклата Рипли, која беше целосно прекриена со сензори, за да се следат силите, на кои би биле изложени и човечки космонаути во иднина.

Од успешноста на овој тест зависи и дали НАСА повторно, по осум години пауза, ќе почне да испраќа мисии со луѓе, што најрано би можело да се случи во јули.