Музичарот Јордан Костов ќе одржи концерт во Скопје на 18 март, во Филхармонијата од 20 часот. На концертот ќе се промовира неговиот нов албум „Маглота“ кој е снимен во Ханој, главниот град на Виетнам.
На концертот ќе бидат гости неколку солисти: Роман Столјар на пијано од Русија, Фенг Хао на тапани од Шангај,
Рубем Фариас на контрабас од Бразил и Ник Де Карло на туба од САД. Заедно со Бренда Охана на маримба од Бразил, Јордан Костов ќе свири хармоника. Гостува и хорот Св. Злата Мегленска со кој диригира Летка Димовска – Полизова.
Јордан Костов (47) e сестран музичар од Кавадарци. Свири хармоника и пијано, компонира, аранжира и продуцира. За неговата музика, вели дека е аванградна, и се движи во рамките на џезот и светската музика, истовремено негувајќи го влијанието на класиката и задржувајќи ја врската со македонската традиционална музика.
Дипломирал на Факултетот за музичка уметност Скопје на отсекот за хармоника, а во моментов е на магистерски студии на ФМУ во Штип. Има настапувано на многу фестивали на Балканот: Охридско лето, Џез фестивалот во Кавадарци Фјужн етно фест во Белград во Србија, Спанцирфест во Вараждин во Хрватска и други.
Билетите се продаваат преку мрежата на karti.com.mk