КОНЦЕРТОТ „СКОПСКИ ЕВЕРГРИНИ“ ЌЕ БИДЕ ЦЕНТРАЛЕН НАСТАН НА 16. БЕЛА НОЌ В САБОТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Бела ноќ по 16. пат ќе се одржи в сабота на десет локации низ Скопје и ќе има перформанси, концерти, изложби и други културно-уметнички настани. Централен настан годинава е концертот „Скопски евергрини“, што ќе се одржи на паркингот пред арената „Борис Трајковски“.

Најпознатите скопски хитови ќе бидат изведени од музичари како Влатко Стефановски, Тамара Тодевска, Јаков Дренковски и Дарио во придружба на „Баги биг бендот“, под диригентство на Љупчо Мирковски. Влезниците за „Скопски евергрини“ и за концертот на платото пред МКЦ се бесплатни и можат да се подигнат на билетарниците на МКЦ и на Универзална сала.

Настаните од Бела ноќ ќе почнат во 19 часот и ќе траат до полноќ. Работното време на локалите нема да биде продолжено после полноќ, што беше пракса изминатите години.