КОВИД-19 СТАНА ПАНДЕМИЈА ОТКАКО СЕ ПРОШИРИ ВО 114 ДРЖАВИ, ДЕВЕТ СЛУЧАИ ВО МАКЕДОНИЈА

Женева, (Би-Би-Си)

Откако се прошири во повеќе од 110 држави, Светската здравствена организација денеска конечно го означи коронавирусот КОВИД-19 како пандемија. Вторпат во овој век, една болест толку многу се прошири што официјално доби пандемски карактер, убивајќи досега речиси 4.300 луѓе.

  • СЗО одлучи да прогласи пандемија откако во изминатите недели бројката заразени со коронавирусот се зголемила за 13 пати.
  • Откако се појави во кинескиот град Вухан пред нова година, КОВИД-19 досега е регистриран во 114 држави, на сите континенти освен Антарктик.
  • Пандемија не е поврзана со стапката на смртност, туку со географското ширење и таа се прогласува кога доаѓа до забрзано ширење на нова болест во повеќе држави истовремено.
  • Најголемото ширење на заразата надвор од Кина се случува во Италија, каде што има повеќе од 12.000 заболени и 827 починати. Потоа следуваат Иран и Јужна Кореја.
  • Повеќе од 121.000 луѓе досега се заразиле со коронавирусот.
  • Во Македонија има девет случаи на коронавирус, откако денеска беа потврдени два нови.
  • Пандемија последен пат беше прогласена во 2009 година, за грипот Х1Н1, од кој починале меѓу 150.000 и 575.000 луѓе. Во 1981 беше прогласена и пандемија на ХИВ/сида.