Кувајт ги објави плановите за трансформирање на огромно гробиште на автомобилски гуми во нов град. Депонијата од 2.000 квадратни метри на северот на богатата држава стана последно почивалиште за 40 милиони гуми.
Властите решиле да ја затворат депонијата откако таму 17 години се фрлаа искористени гуми, кои пак гореа во три огромни пожари од 2012 до 2020.
„Излеговме од тешка етапа која беше окарактеризирана како високоризична за животната средина. Областа сега е исчистена од гуми и можеме да почнеме со проектот за изградба на градот Сад Ал-Абдула“, изјави кувајтскиот министер за нафта Мохамед ал-Фарес.
Во изминатите месеци, камионите натоварени со гуми направиле 44.000 возења од депонијата до регионот Ал-Салми, каде што привремено ќе бидат складирани. Кувајт планира да ги рециклира сите гуми со цел да се избегне создавање нова депонија.