Компанијата „Мајкрософт“ вети дека ќе испрати компјутер во едно училиште во Гана, чиј професор по информатика стана Интернет сензација поради начинот на кој им предава на своите ученици.
Ричард Акото не располага со компјутер за да им демонстрира на учениците како се користи „мајкрософт ворд“, па мора сѐ да им црта на табла.
„Да се предава информатика во Гана знае да биде забавно. Ова го правам секој пат кога предавам. Ги сакам моите ученици, па затоа сакам да разберат она што го предавам“, вели 33-годишниот Акото, чие училиште нема добиено нов компјутер од 2011 година.
Откако Акото објави неколку фотографии на Фејсбук, бизнисменката Ребека Енончонг се заангажира да му помогне.
„Оваа фотографија кружи на Интернет. Дали некој знае која држава е ова? Овој професор е мој херој, ајде да му помогнеме“, напиша таа на Твитер, по што стапи во контакт со „Мајкрософт Африка“.
Оттаму ветиле дека ќе го опремат Акото не само со нов компјутер, туку и со други потребни материјали.