Македонија денеска ја доби првата поголема пратка вакцини против ковид-19, откако пристигнаа 24.000 дози од вакцината развиена од Оксфорд и „АстраЗенека“. Тие дојдоа преку меѓународната иницијатива Ковакс, која има за цел да обезбеди рамноправна дистрибуција на вакцини низ цел свет.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека имунизацијата со оваа тура вакцини ќе почне в среда и ќе овозможи конечно да се прошири обемот на вакцинирањето во Македонија, откако досега беа опфатени главно здравствените работници.
„Со оваа пратка ќе се имунизираат и хронично болните и лица над 75 години. Вакцинацијата ќе се врши во здравствените домови. Во април се очекува да стигнат и преостанатите 76.000 вакцини ‘АстраЗенека’ преку Ковакс“, изјави Филипче.
Македонија досега имаше добиено само 8.000 вакцини на „Фајзер“ (подарок од Србија) и 3.000 дози „спутник В“.
Од почетокот на епидемијата, во Македонија има 126.230 заразени и 3.642 починати од ковид-19.