Трета година по ред, Македонија нема да учествува на Евровизија, потврдија за СМАРТ СДК.МК од МРТВ. Во предлог-финансискиот план што МРТВ го објави, предвидени се трошоци за Евровизија од два милиона денари, кои ќе се искористат за преносот на трите вечери.
Македонија ќе учествува на Јуниорската Евровизија, која ќе се одржи во Мадрид на 16 ноември, а ќе настапат Ана и Алексеј со песната „Маратон“. МРТВ предвидел 550.000 денари за трошоци за фестивали и надомест за Јуниорскиот Евросонг.
Домаќин на 69. Евровизија ќе биде Базел, Швајцарија. Првата полуфинална вечер ќе се одржи на 13 мај, втората на 15 мај, а финалето е на 17 мај. Засега, 34 земји го пријавиле своето учество. Од регионот ќе се натпреваруваат Хрватска, Србија, Словенија и Црна Гора, која се враќа по пауза од три години. Босна и Херцеговина не учествува ниту догодина.
Последен пат Македонија беше на Евровизија во 2022 со Андреа Коевска, а последен пат во финалето влеговме во 2019 во Тел Авив, кога Тамара Тодевска со песната „Горда“ (Proud) го освои седмото место, што ни е најдобриот пласман досега.
Оваа година победи Немо од Швајцарија (фото), а хрватскиот претставник Бејби Лазања се пласираше на второто место.
М. ЏАРОВСКА
Фото: АП