Велика Британија денеска ја почна имунизацијата против ковид-19 и со вакцината на Оксфорд и „АстраЗенека“, додека Македонија во февруари ќе ги добие првите дози од вакцината што заеднички ја развија „Фајзер“ и „Бионтек“.
Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче, првата пратка од 5.850 дози ќе биде доволна за да се вакцинираат 2.925 жители, а до крајот на годината предвидено е вакцина да примат 400.000 луѓе.
„Првите 5.850 дози од вакцината на ‘Фајзер‘ стигнуваат во февруари, а во директни преговори сме да обезбедивме 800.000 дози за цела 2021. Пратка со поголема количина вакцини ќе дојде во март и април“, кажа Филипче.
За тоа време, Велика Британија прогласи „научен триумф“ откако 82-годишниот Брајан Пинкер стана првиот човек на светот кој надвор од тестирањата ја примил вакцината на Оксфорд.
Шеста по смртност од ковид-19 на светот, Британија во изминатите денови повторно бележи пораст на бројот на нови случаи на зараза, па брза што повеќе луѓе да ја примат првата доза од вакцината.
„Од 8 декември, над пола милион Британци имаат примено вакцина на ‘Фајзер‘, повеќе од остатокот на Европа заедно“, се пофали министерот за здравство Мет Хенкок.
Во САД, 4,2 милиони луѓе ја примиле првата доза, но светски лидер е Израел, каде што дневно се даваат повеќе од 150.000 дози и досега е вакцинирана една десетина од населението. Кина на 31 декември ја одобри првата вакцина за широка употреба, развиена од државната компанија „Синофарм“, додека Русија уште во август почна со имунизацијата со вакцината „спутник“.