Утре во 13 часот, во салата на Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, ќе се одржи предавање на тема „Пол, род и родова еднаквост: јавно-здравствени аспекти“.
Повод е формирањето на Друштвото за македонско-шведско пријателство и соработка, кое има за цел да ја поттикне културната, научната, спортската и друг вид соработка помеѓу Македонија и Кралството Шведска.
На предавањето ќе бидат презентирани релевантни податоци за состојбите во кои се наоѓа Македонија во делот на родовата еднаквост. Ќе бидат дефинирани повеќе поими, меѓу кои и родовиот идентитет, кој, како што велат од Друштвото, е секогаш актуелна тема.
„Бојана Атанасова, која завршила магистерски студии по јавно здравје на универзитетот Лунд во Шведска, ќе говори за разликите помеѓу мажите и жените, типичните машко-женски улоги во општеството и за медиумските притисоци што произлегуваат од родовите идеали кои се замислени како стереотипни слики за тоа како изгледа ‘вистинска жена’, односно ‘вистински маж’, а истите се штетни по машкото и женското здравје“, најавуваат од Друштвото.
На средбата ќе говорат и Тихомир Илиевски, претседател на Друштвото и поранешен амбасадор во Шведска, професорката на Медицинскиот факултет Јана Богданска и шведскиот амбасадор во Македонија, Матс Стафансон.