МАРИО САВОВСКИ ВЕЧЕРВА ВО МКЦ ЈА ОТКРИВА МИСТЕРИЈАТА НА „УРБАНОН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младиот македонски автор Марио Савовски вечерва во Младински културен центар во Скопје (Клуб ресторан, 19.30 часот) ќе ја промовира својата втора книга, наречена „Урбанон“, која претставува спој на хорор, научна-фантастика и на урбани легенди.

Соодветно на оваа жанровска комбинација, која е реткост во современата домашна литература, Савовски внесе мистериозност во промоцијата на книгата, па деновиве во медиумите и на социјалните мрежи се вртеа прашањето „Што е 0101001101001011?“ и видео со човек кој лебди над зградата на МРТВ.

„‘Урбанон‘ претставува нешто што досега го немало кај нас, комбинација од повеќе интерактивни медиуми во раскажувањето на една приказна. Книгата го вовлекува читателот во светот на урбаните легенди и ги дава приказните во форма на извештаи, направени од страна на тајна организација за паранормални настани“, стои во најавата на промоцијата, за која се вели дека ќе биде интерактивна.

Својата прва книга Савовски ја има објавено на англиски јазик на „Амазон“, па ова ќе му биде прво издание во Македонија.