МИ БЕШЕ ЧЕСТ ШТО СВИРЕВ ВО СВЕТСКИОТ ЦЕНТАР НА УМЕТНОСТА, РЕЧЕ ПИЈАНИСТОТ ДИНО ИМЕРИ ПО КОНЦЕРТОТ ВО ЛОНДОН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистот Дино Имери одржа концерт во концертната сала на Кралскиот колеџ во Лондон, по повод 30 години дипломатски односи помеѓу Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

„Ми беше огромна чест да ја претставувам Македонија и да ја промовирам нашата култура во овој светски центар на уметноста, во престижната концертна сала на Кралскиот колеџ, каде што настапуваат врвни уметници од целиот свет“, рече македонскиот пијанист.

Во публиката беа и специјалниот пратеник на британскиот премиер за Западен Балкан, Лорд Пич и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Имери свиреше обработка на македонската песна „Јас те пратив на вода Калино“, како и композиции од Дамир Имери („Пајдушко“ и „Сербез Донка“) и од Дијана Илкоска-Имери („Корени“). Заедно со него настапи хрватскиот пијанист Ведран Јањанин.