МОТ ЗАВРШУВА СО „ЦРНИЛА РЕМИКС“, ОТКАЖАН КОНЦЕРТОТ НА „ФАЈР!“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Четириесет и третото издание на Млад отворен театар завршува вечерва со претставата „Црнила ремикс“, поставена од Јордан Симонов, во продукција на Младински културен центар. За вечерва беше најавен и концертот на скандинавската експериментална група „Фајр!“, но, како што објави МКЦ на Фејсбук, тој е откажан поради здравствени проблеми на еден од членовите, Матс Густафсон.

„Црнила ремикс“ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле, ставено во контекст на урбан хип-хоп албум.

„Ова е музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап и специфична актерска изведба, кој низ оригиналниот препев и музика на ‘Зад аголот’ нè носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп супкултурата“, велат од МКЦ.

Во претставата играат Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски.