НА 20 МАРТ ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „КОМИЧНОТО И ХУМОРОТ“ ОД ИВАН ЏЕПАРОСКИ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

На 20 март (среда) во 12 часот, на малата сцена во Театар Комедија ќе биде промовирана книгата „Комичното и хуморот“ од професорот Иван Џепароски. За книгата ќе говорат писателот и професор, Александар Прокопиев, и професорката и театролог, Ана Стојаноска. Книгата е издание на Театар Комедија.

„Да се пишува за комедијата, за комичното, па дури и за хуморот, значи да се пишува за човековото снаоѓање низ светот, особено во театарот. Еден од главните постулати на пишувањето е дека најтешко е да се напише комедија, а уште потешко е да се пишува за комедијата. Одговорот на едноставното прашање ’Зошто е тоа така?‘ лежи во основата на односот на човекот кон смеата, хуморот, игривоста. Затоа се ретки книгите што умешно говорат за комичнот“, вели Стојаноска во предговорот.

Книгата е сочинета од девет поглавја, кои професорот Џепароски во прологот ги „групира“ во три групи.

Џепароски (1958) е писател и филозоф. Професор е по естетика и филозофија на културата на Филозофскиот факултет во Скопје, а предавал и на Факултетот за драмски уметности при УКИМ. Во неколку мандати бил раководител на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Автор е на многубројни филозофски, естетички, поетски и есеистички дела, како и на неколку филозофски избори и поетски антологии.