Метју Нимиц, човекот кој речиси две децении од животот посвети на решавањето на спорот за името, беше еден од најсреќните и најгорди луѓе во Псарадес (Нивици), село на грчката страна од Преспанското Езеро, кое сега доби посебно место во македонската историја.
Не само што дочека да види дека неговата работа е успешно завршена, кога министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас го потпишаа договорот, туку тоа се случи токму на денот кога го слави својот 79. роденден.
Токму неговото присуство му даде мала лежерност на настанот, кога му ја запеаја роденденската песна.
„На моето семејство му кажав дека оваа година не сакам подароци за роденденот, бидејќи ќе добијам голем подарок од Зоран Заев и Алексис Ципрас. Мојата работа е завршена, а сега останува премиерите на двете земји да почнат со имплементирањето на договорот, за да ја продлабочат соработката помеѓу двете земји. Мене ми беше чест што бев медијатор и што можев да посведочам на потпишувањето на овој договор“, кажа Нимиц, кој во 1999 година го наследи Сајрус Венс како специјален претставник на Обединетите нации во решавањето на спорот за името.