Романсиерот, раскажувач, есеист и драмски писател Светислав Басара од Србија е годинашен добитник на наградата „Прозарт“ на 6. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, кој ќе се одржи од 27 до 29 мај во Скопје.

Басара, кој, според критичарите, е автор на еден од најдобрите српски романи на 20. век „Фама за велосипедистите“, е награден за авторскиот придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.

Басара има напишано повеќе од триесет романи, збирки раскази, драми и есеи. Добитник е на многу српски и меѓународни книжевни награди. За романот „Подемот и падот на Паркинсоновата болест” во 2007 ја доби НИН-овата награда.

„Без сомнение, делото на Басара денес е меѓу најугледните во балканскиот книжевен контекст. Неговиот луциден прозен исказ, стилското мајсторство и актуелноста на општочовечките, но и на современите теми и дилеми што ги обработува во своите книги го издвојуваат како извонредно интересен и вредносно супериорен балкански прозаист“, стои во одлуката на одборот.

Басара ќе ја прими наградата во Даут-пашин амам, на затворањето на фестивалот, од 19.30 часот.

Гости на „ПРО-ЗА Балкан“ се уште петмина врвни автори од Балканот: Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Ајфер Тунч од Турција, Јуриј Худолин од Словенија и Лејла Каламујиќ од БиХ.