НАЈБОГАТИОТ КИНЕЗ ДОНИРАШЕ МИЛИОНИ ЗАШТИТНИ МАСКИ ЗА САД, ЕВРОПА, ЈАПОНИЈА И КОРЕЈА

Пекинг, (Дејли мејл)

Најбогатиот Кинез Џек Ма објави дека ќе испрати еден милион заштитни маски во САД за да ѝ помогне на најголемата светска економија во борбата против коронавирусот. Во неговата донација ќе бидат вклучени и 500.000 комплети за тестирање.

Ма, кој е коосновач и поранешен претседател на технолошкиот гигант „Алибаба“, се огласи преку својот профил на кинеската социјална мрежа Веибо.

„Се надевам дека овие залихи ќе им помогнат на луѓето во САД. Ова е еден од најголемите предизвици за човештвото во ерата на глобализација. Ниедна земја не може сама да се справи со него, туку мораме сите да си подадеме раце едни на други“, изјави Ма, чие богатство се проценува на 42,3 милијарди долари.

Педесет и петгодишниот Ма веќе донираше по еден милион маски за Јапонија и Јужна Кореја, како и 1,8 милиони маски и 100.000 комплети опрема за тестирање за Европа. Во јануари, тој донираше 100 милиони јуани (14,4 милиони долари) за развој на вакцината против КОВИД-19.

За два и пол месеци, пандемијата зафати повеќе од 120 држави, при што се заразени над 134.000 луѓе, а починале над 5.000.