Велешанецот Aнтонио Зографски, еден од авторите на лажните вести кои што беа популарни за време на ланските претседателски избори во САД, вели дека плаќале новинари од Скопје да им ги пишуваат текстовите, бидејќи не знаеле добро англиски.
„На почетокот со пласирањето на лажни вести ни одеше потешко бидејќи не знаевме добро англиски јазик, но кога почнавме да заработуваме пари, плаќаваме вистински новинари од главниот град на Македонија за да ни ги прават лажните вести“, вели Зографски, 20-годишен студент од Велес.
Тој викендов беше гостин во „Кино Култура“ на првото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА (пина.мк) во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје.
Студентот на графички дизајн јавно го откри своето искуство во индустријата за лажните вести во Велес, но од организаторите на настанот замоли да не се снима, ни аудио, ни видео.
На првото прашање од модераторот Огнен Јанески, дали Македонија му помогна на Трамп да победи на изборите, Антонио одговори: „Сметам дека Американците сами одлучуваат што ќе читаат“.
Младиот велешанец кажа дека дека почнале со индустријата на лажни вести, како најбрз начин да се заработат пари од дома со работа на Интернет.
Прво почнал да работи на интернет страни за мотори, и заработувал по 2 до 3 евра на ден. Потоа заедно со група тинејџери од Велес се одлучиле да влезат во политика, и на почетокот ги земале вестите од медиуми како „Би-Би-Си“ и „Си-Ен-Ен“, ги преработувале и ставале поатрактивни наслови.
Испитувале кои вести и кои имиња најмногу се читаат, и дошле до заклучок дека ако на пример за Хилари Клинтон веста ја прочитале 20 читатели, за Барак Обама 30, веста за Трамп достигнувала до 1.000 читатели.
„Насловот е клучен. Светските медиуми објавуваат нормални вести кои и не се толку атрактивни за читање. Ако имате интересен наслов, секој ќе ве отвори“, рече Зографски.
Новинарката Убавка Јаневска, кој работела на теми за велешките тинејџери , го раскажа своето искуство, истакнувајќи дека по комуникацијата на Фејсбук со дел од нив, дошла до мислење дека голем дел од тие профили се лажни и дека момчињата не знаат добро англиски јазик. Таа додаде дека 70 отсто од младите велешани заработуваат од лажните вести.
На дебатата зборуваше и руската новинарка Анастасија Валеева, според која , во борбата на вистински и лажни вести, новинарите ја изгубија битката за вистината и врската за публиката.
„Лажните вести ни го одвлекуваат вниманието, а светот е преплавен со лажни вести. Го преценуваме ефектот на лажните вести и затоа губиме“, истакна таа.
Фестивалот се затвори со филмот за затајувањето данок во Велика Британија „Пајаковата мрежа: Второто кралство на Велика Британија“ , интересна коинцеденција која се совпадна со синоќешното објавување на аферата „Расјки документи“.
Б. НЕСТОРОСКА