ОСЛАБЕВ ОСУМ КИЛОГРАМИ ПРЕД КОНЦЕРТОТ, УШТЕ МАЛКУ ДО ПОСАКУВАНАТА ЛИНИЈА ШТО ЈА ИМАВ ВО 2012 НА ЕВРОВИЗИЈА, ВЕЛИ КАЛИОПИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Калиопи вели дека не е мегаломан и своите концерти не ги дели на тоа колку публика имало во салата. Таа со тимот на „Прагма продукција“ одржа прес-конференција во „Борис Трајковски“, каде што на 19 октомври ќе одржи концерт, првпат во оваа сала.

„Не сум мегаломан, не ми е битен просторот, мене отсекогаш ми била битна публиката. Дали се 100, илјада, 200.000 луѓе во публика, за мене концертот има еднаква важност. Но, го гледам ова в сабота како една арена што ќе биде исполнета со луѓе и емоции и мислам дека ќе прашти од емоции и љубов. Имам малку, не страв, туку респект кон целото случување, затоа што се надевам дека нема да согорам во тие емоции и ќе можам да ви се дадам онака како што ви се давам со години“, рече Калиопи.

На прес конференцијата беше послужен и појадок, за кој Калиопи вели дека го избегнува последниве недели.

„Не само појадокот, скокам повеќе оброци, затоа што сум на липосукциска диета и морам да ви се пофалам дека ослабев осум килограми. Уште малку ми фали да дојдам до посакуваната тежина која ја имав во 2012 во Баку, кога на Евровизија ја пеев ‘Црно и бело‘“, додаде Калиопи.

Ромео Грил, нејзиниот продуцент и поранешен сопруг, ќе дојде во Скопје на 15 октомври и ќе биде дел од гостите на концертот. Во подкастот на САКАМДАКАЖАМ.МК „За секого по нешто“, Калиопи рече дека ќе биде тешко да се натера Ромео Грил да запее, но тој ќе свири со неа на сцената.

Од Белград доаѓа Жељко Самарџиќ, кој со Калиопи ја пее песната „Знам“, а ќе гостува и раперот Слаткаристика, кој со неа ја сними дуетската песна „Казна“.

М. ЏАРОВСКА