ОТКРИЕНА ПРВА ЕГИПЕТСКА МУМИЈА НА БРЕМЕНА ЖЕНА

Варшава, (Би-Би-Си)

Тим на полски научници објави дека го открил првиот познат пример на бремена египетска мумија. Проектот кој почнал во 2015 година користи технологија за да се испитаат артефакти складирани во Националниот музеј во Варшава.

Досега се мислело дека мумијата е машки свештеник, но скенирањата покажале дека станува збор за жена во доцна фаза на бременост. Експертите веруваат дека остатоците припаѓаат на жена од висока класа, на возраст меѓу 20 и 30 години, која починала во првиот век пред нашата ера. Со анализите на главата на фетусот било утврдено дека жената била меѓу 26. и 30. недела од бременоста кога починала од непознати причини.

„Ова е нашето најважно и најзначајно откритие досега, тотално изненадување“, изјави Војчех Ејсмонд од Полската академија на науки.

Мумијата прво му била донирана на Универзитетот во Варшава во 1826 година. Научниците сега веруваат дека таа била ставена во погрешен ковчег од дилери на антиквитети во 19. век, имајќи предвид дека во него се откриени записи за свештеник наречен Хор-Џехути.