Минатиот месец бил најтоплиот јануари во историјата, и на копно и на океанските површини, објави Националната администрација за океани и атмосфера на САД (НОАА).
Рекордно високите температури во јануари уследија по исклучително топлата 2019, која беше прогласена за втората најтопла година откако почнале релевантните мерења пред 141 година.
Според НОАА, но и европскиот систем „Коперникус“, просечната температура минатиот месец била 1,14 Целзиусови степени над просекот за 20. век. Притоа бил надминат досегашниот рекорд од 2016 година.
Наплив на невообичаена јануарска топлина се почувствува низ Русија, Скандинавија и источна Канада, каде што температурите биле неверојатни пет Целзиусови степени над просекот или повеќе. Така во шведскиот град Еребро биле измерени 10,3 степени, најмногу од 1858 година, а во Бостон рекордно високи 23 степени.
Овој месец, температурни рекорди се регистрирани и на Антарктик, па на 9 февруари, за првпат во историјата на континентот била измерена температура повисока од 20 степени.