Традиционалната новогодишна аукција на туни во Токио овојпат помина без војна на наддавање, при што се воздржа и таканаречениот Крал на туната, кој не ја понуди највисоката цена за најквалитетниот примерок, бидејќи, како што кажа, пандемијата тешко ја погодува ресторанската индустрија.

Најскапата риба на аукцијата, туна од 208 килограми уловена во северниот јапонски регион Аомори, беше купена од друг наддавач за 20,84 милиони јени (202.000 долари). Ова е само мал дел од сумите што самопрогласениот Крал на туната Кијоши Кимура ги плаќаше во изминатите години, со цел да ги добие правата врз најквалитетната риба во понудата.

Минатата година, Кимура издвои 1,8 милиони долари за сина туна од 276 килограми, а во 2019 плати рекордни 3,1 милион долари за примерок од 278 килограми.

Годинашната аукција се одржа на новиот пазар Тојосу без гледачи.