ОУ „КИРО ГЛИГОРОВ“ ВО СКОПЈЕ ВО ПОТЕСЕН ИЗБОР ЗА НАГРАДАТА НА ЕУ ЗА СОВРЕМЕНА АРХИТЕКТУРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Основното училиште „Киро Глигоров“ во Скопје влезе во потесниот избор за наградата за современа архитектура „Мис ван дер Рое“ за 2022 година, што ја доделува Европската Унија.

„Ми претставува особена гордост и задоволство што нашето најубаво и најмодерно основно училиште ‘Киро Глигоров’ влезе во потесниот круг за наградата на ЕУ за современа архитектура. Оваа номинација е големо меѓународно признание за училиштето и уште една потврда за нашата посветеност на работата“, рече градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Европската Унија ја доделува наградата на секои две години, почнувајќи од 1988 и победникот го избира од кругот на најквалитетни современи архитектонски дела во Европа.

Автор на идејното решение за основното училиште „Киро Глигоров“ е архитектот Бесиан Мехмети, додека координаторското место му припаѓа на Кире Секуловски. Изведувач на градбата беше компанијата „Вардар градба“, врз основа на проектот на „Инком инженеринг“.

Освојувачот на наградата ќе биде објавен во април.

К. СЕЛАМОВСКА