Париз планира да ги забрани туристичките автобуси во центарот на градот за да ги поттикне туристите да пешачат, возат велосипед или да користат јавен превоз, изјави заменик-градоначалникот на францускиот главен град.
Емануел Грегоар изјави за „Паризиен“ дека ситуацијата не е така лоша како во Венеција или Барселона, но сакаат да одговарат на поплаките од граѓаните за масовниот туризам.
„Веќе не ја сакаме тоталната анархија на туристичките автобуси во Париз. Автобусите повеќе не се добредојдени во срцето на градот“, рече Грегоар.
Тој кажа дека градот ја чека новата легислатива за да го редуцира автобускиот сообраќај и дека ќе означат паркинг места надвор од градот.
„Туристите можат да ги користат еколошките начини на јавен превоз, а туристичките водичи да се адаптираат на пешачки тури со слушалки. Ни треба промена“, рече тој.