ПИЈАНО ДУОТО ЃОШЕВСКА И МИЦОВСКА-СМИЛЕВСКА СО КОНЦЕРТ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

На Охридско лето вечерва (23 јули) концерт ќе одржи пијано дуото Марија Ѓошевска и Славица Мицовска-Смилевска, во црквата „Света Софија“ од 21 часот. Ќе свират дела од Григ, Моцарт и Равел.

Ѓошевска е една од најистакнатите пијанистки во нашата земја. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Борис Романов. Добитник е на повеќе награди и признанија на државни и меѓународни натпревари. Како солист и камерен музичар настапувала на сите реномирани фестивали во Македонија, но и во САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија и Турција. Ѓошевска е редовна професорка и раководителка на Катедрата за клавишни инструменти и харфа на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Мицовска-Смилевска дипломирала на Музичката академија во Софија, каде и магистрирала во 2004. Во 2019 ги завршила докторските студии на ФМУ. Работи како редовен професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.