„ПЛОШТАД НА ХЕРОИТЕ“ В СРЕДА ЌЕ СЕ ИГРА ПРЕМИЕРНО ВО ФОАЈЕТО И НА СЦЕНАТА НА ДРАМСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Плоштад на хероите“, според мотиви на Томас Бернхард, е насловот на премиерата во Драмски театар, закажана за среда во 19 часот. Автори на текстот се учесниците во претставата, а режисерка е Мирјана Медојевиќ од Црна Гора, која живее и работи во Словенија.

Во претставата играат Наталија Теодосиева, Ина Пунтар, Гордана Ендровска, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Симона Димковска.

„Да се избере последниот текст на големиот модерен писател кој својот живот го посветил на уште поголеми теми – самоубиството и присуството на фашистички обрасци кај секој човек во неговата родна Австрија, со себе го носи бремето на историјата и очекувањата. Текстот е како кромид кој треба внимателно да се излупи за од него да настане претстава во Северна Македонија, на католички Божиќ во 2019 година, во Драмски театар, на улицата Шекспир 15 во Скопје, далеку од Бургетер, каде што таа предизвикала скандал уште пред да се случи и кулминирала со 45-минутно свиркање и ракоплескање“, вели драматургот Зупанчич.

Режисерката Медојевиќ вели дека станува збор за алтернативен театар, а претставата е жив процес, се игра дел во фоајето, дел на сцената во Драмски и ќе трае околу пет часа со две паузи.

На уредувањето на просторот работеле Димковска, Митрески и Медојевиќ, костимите се на учесниците во проектот, а дизајнот на светло на Митрески и Медојевиќ.

Б. НЕСТОРОСКА