Од денеска до 10 јуни, билетите за претставите во Театарот за деца и младинци ќе бидат намалени од 200 на 150 денари.
„Цената ја намалуваме со цел да им донесеме уште поголема радост на децата, но и заради продолжување на уживањето на останатата публика“, соопшти ТДМ.
Билетот поскапе на 1 јануари 2017 година, со одлука на тогашниот директор Братислав Димитров.
„Цената на билетите е зголемена оти имаме многу трошоци, а досегашната цена од 150 денари е смешна. Имаме трошоци за хонорарци и за останат помошен персонал. Од друга страна, бројот на седишта е мал, само 112 и економски е неиздржливо да функционираме со таа цена”, изјави тогаш Димитров.
Во 28 години постоење, Театарот имал над 60 премиери и повеќе од 300.000 посетители. Најиграна претстава е „Принцезата на зрно грашок” во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, премиерно изведена во 1993.