ПОСАКУВАМ ДА СЕ НАПРАВИ ПАТОТ ДО ОХРИД И ДА НЕ НИ ГИ ЈАДЕ ГУМИТЕ, КАЖА ДРАГАН МИЈАЛКОВСКИ. КОЈ СЕ ВРАЌА НА СЦЕНАТА НА 73 ГОДИНИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Драган Мијалковски одржа поновогодишен концерт на охридскиот плоштад вчера како дел од славењето 60 години на музичката сцена.

Легендарниот пејач повторно им се врати на настапите на идеја на Ранко Петровиќ, сопственикот на радио „Бубамара“ од Скопје. Минатото лето, Мијалковски имаше настап на плоштадот во Крушево по повод 8 Септември, а одржа концерт и во Скопје во рамките на манифестацијата „Карпошово лето“. Петровиќ и радио „Бубамара“ ги менаџираат неговите настапи.

„Ни самиот не знам како се договоривме со Ранко и ‘Бубамара’. Тој ми се јави да ме праша дали би пеел на концерти повторно, а јас му реков дека имам многу нови песни кои допрва треба да ги слушне народот. Засега, на овие настапи пеам стари песни со бендот на ‘Бубамара’. Не сакам луѓето да ги оптоварувам со нова музика, промоција на нови песни треба да се прави во затворен простор, на место каде што публиката е посконцентрирана, а ќе дојде време и за тоа. Јас никогаш не престанав да пеам, но пред публика немав настапено 4-5 години“, ни изјави Мијалковски.

На 73 години, тој е во полна пејачка форма и звучи како во своите најдобри денови, а охридската публика го препозна тоа.

Охриѓани се развеселија на концертот на Мијалковски како дел од славењето на 60 години на музичката сцена (Фото: Р. Петровиќ)

Пеејќи ги „Кажи нешто драга“, „222-305“ и други хитови, тој заигра со бендот и со публиката, а се расплака на крајот од концертот.

„Се надевам дека оваа година ќе биде уште подобра за Охрид од претходната“, кажа Мијалковски на крајот од концертот, па со насмевка додаде:

„Се надевам и дека наскоро патот од Скопје до Охрид ќе се направи и нема да ни ги јаде гумите“.

Ранко Петровиќ ни изјави дека Драган Мијалковски ќе биде гостин на следната „Златна Бубамара на популарноста“ и оти многу му се бендисала идејата кога го поканиле.

„Драган изминативе години напишал околу 60 песни, а ние, заедно со Дамир Имери, ги избравме најдобрите 14, кои се снимаат. Во рамките на славењето на неговиот 60-годишен јубилеј, тој ќе одржи 40 концерти низ Македонија“, ни изјави Петровиќ и додаде дека Охрид на 1 јануари добил час по музичка култура со концертот на Мијалковски.

По концертот, многу луѓе му приоѓаа на пејачот да се сликаат и да поразговараат со него.

М. ЏАРОВСКА